На учениците од V одд. во овој период им недостасува прошетка и посета на разни институции, музеи, стари градби, археолошки наоѓалишта, манастири, цркви ,џамии и други споменици на културата. Тоа што тие го учат по предметот Општество, заедно со доживувањата од посетите кај нив, во знаењата, би оставило траен белег.
Оваа година таа можност им беше одземена. Не само ним, туку воопшто на сите ученици во нашата татковина.
Меѓу многуте имеил пораки кои пристигнуваат на адреса на нашето училиште, пристигна и таква со интересен наслов „Виртуелен отворен ден на Собранието“.
Парламентарниот институт организира активности за јавноста и за младата популација со помош на електронските и технолошките алатки, поради состојбата со Ковид-пандемијата. Затоа, се трудат на учениците и професорите, online да им обезбедат јавност и транспарентност на законодавниот дом. На една виртуелна тура може да се вклучат околу сто ученика преку ZOOM апликацијата.
По остварен телефонски разговор со советникот историчар од Одделението за едукација и комуникација беше постигнат договор на 10 мај во 10:30 часот сите петти одделенија да земат учество во виртуелна обиколка на Собранието. На 6 мај ни беше испратен линк за вклучување на учениците преку ZOOM апликацијата.
Бидејќи оваа генерација брои 107 петтодделенци, наставничките успешно ги реорганизираа своите ученици за сите да можат да ја следат виртуелната прошетка. Па така, учениците близнаци ја следеа прошетката од еден електронски уред. Братучеди кои живееја во иста куќа или зграда и се постојано заедно, ја следеа прошетката исто така од еден уред.
Со голема возбуда се приклучија и го следеа предавањето и обиколката низ Собранието од страна на стручниот соработник г-н Томе Гушев. На овој начин учениците имаа можност да се запознаат со внатрешниот изглед на собраниската зграда, со работата и функцијата на Собранието и функцијата пратеник, со законодавниот процес, со постапката на донесување на закони и слично. На прашањата поставени од одговорниот соработник, учениците од V одд. од ООУ „Стив Наумов“ мошне вешто одговаа на истите.
Виртуелната прошетка низ Собранието заврши во пријатна атмосфера, со желба ваквите понуди за прошетки да продолжат, но кога ќе заврши оваа пандемија да бидат во живо во Собранието.
Ви претставуваме дел од вируелната прошетка низ Собранието. Уживајте!