ИСТОРИЈАТ

НАШЕТО УЧИЛИШТЕ
ООУ „Стив Наумов“ – Скопје

Општинското основно училиште „Стив Наумов“ – Скопје има статус на јавна установа чија основна дејност е воспитание и образование на ученици од I до IX одделение. Училиштето ги опфаќа учениците од УЗ Автокоманда, Ќерамидница и Триангла. Со изградбата на станбени згради во 1942 год. во населбата Автокоманда се јавува и потребата за отворање на училиште со што започнува и развитокот на нашето училиште. Трајанка Митева е првата учителка која во учебната 1948/49 год. истовремено била и раководител на училиштето. Наставата се одвивала во една прилагодена просторија. Во наредната учебна година работи едно прво и едно второ оделение со 84 ученика, додека во учебната 1950/51 год. работи со три одделенија со вкупно 125 ученика. Со одлука на Народниот Одбор на општината „Саат Кула“, во 1951 година училиштето било именувано како осумгодишно основно училиште – „Стив Наумов“.

Развојниот пат на училиштето може да се каже дека минува низ четири етапи и тоа: првата од 1948 – 1955 год., втората од 1955 – 1963 год., третата од 1963 – 1991 год. и четвртата од 1991 год. па сè до денес. Основното училиште „Стив Наумов“ – Скопје, работи во еден објект. По изградбата на фискултурната сала во 1964 год. и новата зграда на училиштето со кабинети во 1968 год. и со изградбата на кровот во 1987 год., наполно е оформен сегашниот училишен објект. Во 1982 год. се воведува целодневна настава која и денес се изведува.
Со Указ на претседателот на тогашна СФРЈ, Јосип Броз – Тито, во 1979 год. училиштето го добива високото признание Орден на трудот со златен венец. Истатагодина училиштето ја добива и 13 Ноемвриската награда за особени резултати во воспитно-образовната дејност, а во 1980 и 1986 год., Извршниот одбор на Собранието на меѓуопштинската заедница за предучилишно и основно образование донесува одлука да се додели признание за вонредни резултати во воспитно-образовната работа.
Денес училиштето работи во современи услови и располга со современи аудио-визуелни средства, дидактички материјали како и интерактивни уреди кои придонесуваат за квалитетна настава. Училиштето располага со библиотека која континуирано се збогатува со книжевни и лектирни изданија како и стручна литература за наставниот кадар и стручните соработници.