Од 26.05.2025  до 30.05.2025 год. се реализираше настава во природа според наставниот план и програма за учениците од V одделение. На наставата во природа присуствуваа 69 ученици со своите одделенски р раководители: V-a Андријана Стефановска, V-б Анета Младеновска и V-в Тања Горгиева, водич и медицинско лице.

  I ден – Tргнување од пред училиштето во 08.30 часот. Патувавње кон Велес ја посетивме спомен куќата на Кочо Рацин. Продолжување кон Прилеп со попатна пауза за потребите на учениците. Беше одржано кратко предавање од страна на водичот од агенцијата за градот Прилеп – Марковите кули, a потоа се посети манастирот „Св.Архангел Михаил“- Варош. Го продолживме патувањето кон Охрид попатно панорамски укажувајќи на природните убавини, населени места, села, Преспанско Езеро, градот Ресен…Во попладневните часови се пристигна во Охрид. Учениците беа сместени во хотел Чинго и во 19.45 часот вечераа.  После вечерата учениците имаа вечерна забава во согласност со нивната возраста со присуство на сите наставници. Ноќевање.

II ден – По појадокот се упативме кон селото Вевчани и направивме обиколка на Вевчанските извори. Разговаравме со локалното население за начинот и условите на живот во рурална средина. Фотографирање на селото со цел да се запознаат со специфичностите на Вевчанската традиционална архитектура. Продолживме во Струга каде ја посетивме Националната установа – Никола Незглобински и следевме предавање од водичот, но и од кустосот на музејот кој им објасни за богатиот растителен и животински свет – флората и фауната заштитените видови на риби-пастрмка и јагула како и за алги, полжави, плашици, бисери…Ја посетивме и  Спомен куќата на Браќата Миладиновци. Го разгледаа градот Струга, мостот на поезијата и направивме  рекреативна прошетка по брегот на реката Црн Дрим. Враќање во хотелот. По ручекот во 14.00 часот имаа предавање од докторката за одморот, правилната исхрана и здравјето на децата. Попладневен одмор и наставни активности со учениците кои се предвидени во рамките на наставниот план и програма во просторијата предвидена за настава. Македонски јазик и ликовно образование, учениците пишуваа извештај од посетата на музејот и илустрација од нивните впечатоци од музејот. Вечерата беше во 19.45 часот. После вечерата се прошетавме по „Чаршијата“- шеталиштето каде на крајбрежјето на учениците им беше објаснето  за Охридското Езеро и Билјанини извори. Организиравме  меѓуодделенски натпревари во трка на 50 метри. Ноќевање.

  III ден –По појадокот  ги посетивме местата: Музеј на вода „Заливот на коските“-наколните живеалишта каде следеа предавање од водичот и кустосот и прошетавме низ објектот. Потоа го посетивме манастирот „Св.Наум Охридски “ им објаснивме за животот и делото на „Св.Наум“ и за изградбата на манастирот. Се вративме за ручек во хотелот и имавме одмор. Во попладневните часови учениците имаа активности во рамки на програмата. Пишуваа извештај за посетите од денешниот ден и математика ги работевме мерките за должина, периметар и плоштина. Следеше и предавање од водичот за видови лековити билки. По вечерата пишуваа групен дневник за местата, знаењата, впечатоците и доживувањата од активностите на третиот ден. Вечерта заврши со организирана забава и дружба на учениците. Ноќевање.

  IV ден – По појадокот се упативме во обиколка на градот Охрид. Разгледување на античкиот театар пропратено со предавање од водичот. Потоа се упативме кон Плаошник-црквата „Св.Климент “ и „Св.Пантелејмон “ и ги разгледавме објектот. Пешачевме кон црквата „Св.Јован Канео“ ,потоа се упативме преку мостот на желките до најстарата црква во Охридската чаршија – катедралната црква Света Софија. Прошетавме низ Охридската чаршија и се запознавме  со старите занаети.  После ручекот следуваа  активности и пишуваа извештаји за посетените места, впечатоците и доживувањата од истите. После вечерата следеа активности во подготовка на утрешниот ден. Ноќевање.

  V ден – По појадокот учениците ги направија последните подготовки за пат презадоволни од престојот во хотелот во 10.00 часот го напуштивме хотелот и се упативме кон Кичево со попатна пауза на Стража. Потоа се упативме  кон изворите на реката Вардар – Вруток и храмот„ Св.Архангел Михаил“ каде направивме и пауза за ручек. Учениците имаа физичка активност преку рекреативни игри.Панорамки ги разгледавме  природните убавини во западниот дел на Македонија  и Шарената џамија во Тетово. Пристигнавме пред училишната зграда во 16.30часот. Наставниците и учениците беа задоволни и среќни од реализираната настава во природа.

На оваа настава во природа учениците посетија и научија многу за нашето културно наследство од праисторијата па до денес. Имаа можност да ги видат и доживеат природните богатства на нашата татковина. И што е најважно научија да се грижат:  за личната хигиена, за сопствените потреби, за личната и заедничката сопственост, за другарството и меѓусебното помагање, за дружељубивост, сплотеност, чувство за грижа, соработка, размена на идеи и мисли за културно однесување во хотел, ресторан, продавница, музеј, црква, џамија, сообраќај и сл.

Техничката реализација (квалитетот на превозните средства, квалитетот на сместувањето и соработката со агенцијата) беше во согласност со договореното.

   Актив V одделение –  одговорен наставник: Андријана Стефановска