На 7, 8 и 9 април 2025 година беше изведена предвидената екскурзија во делови од Западна Македонија според однапред утврдена програма. На екскурзијата учествуваа вкупно 91 ученик и наставниците: Емилија Божиновска, Јанковска Магдалена, Марина Грамова и Татјана Арсова. Активностите се одвиваа во горенаведените денови и тоа:
- I ден – Tргнување од пред училиштето во 08 часот и упатување кон Крушево каде беше посетено вечното почивалиште на Тодор Проески. Патувањето продолжи за Битола каде беше посетен археолошкиот локалитет Хераклеја. Во попладневните часови се пристигна во Охрид. Учениците беа сместени во х.Чинго. После вечерата учениците имаа вечерна забава во затворен објект со присуство на сите наставници и со обезбедување во самиот објект.
- II ден – По појадокот учениците и наставниците го посетија манастирскиот комплекс „Св.Наум Охридски“. Попатно беше посетена и праисториската наколна населба Заливот на коските. По попладневниот одмор беше реализирана посета на следните културно-историските знаменитости: Антички театар, Плаошник, црквата „Св.Софија“. Во вечерните часови учениците повторно имаа вечерна забава.
- III ден – По појадокот следуваше напушатње на хотелот во 10.30ч. Се упативме кон Струга каде беа посетени Спомен куќата на браќата Миладиновци и Природоно – научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“, кој годинава одбележува 90 години од формирањето. Потоа патувањето продолжи кон Дебар и се посети Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“. Потоа се упативме кон Скопје. Пристигнувањето беше во вечерните часови, во 20 часот.
На екскурзијата беа поставени и реализирани следните цели :
Учениците:
– да се запознаат со населени места и населби;
– да се запознаат со природните одлики на Охридското Езеро;
– да се запознаат со делови од нашето подалечно и поблиско минато;
– да изучуваат и истражуваат објекти и појави во природата како и односи во
општествениот живот;
– да развиваат позитивен однос кон националните, културните и естетските вредности;
– да се развиваат другарството и социјализацијата на учениците.
На сите одредишта преку разговор (прашања, одговори, следење излагања на стручни лица) се пратеше однесувањето на учениците, се внимаваше на нивните интереси и активности. Преку писмени и други форми се очекуваат повратни информации за посетените места, за другарувањето и доживувањата.
Техничката реализација (квалитетот на превозните средства, квалитетот на сместувањето и соработката со агенцијата) беше во согласност со договореното.