Стеван Наумов – Стив е името на еден од големите личности во народноослободителната војна и борбата против окупаторот. Неговото дело и жртва се огромни и гласно одекнуваат низ времето потсетувајќи ги новите генерации за беспоштедноста во борбата во која се чува и брани својот дом. Неговото дело, како и делото на Мите Богоев, неговиот другар и соборец, до срж ја потресло непријателската кампања и крајот на овие двајца великани, иако тежок и мачен, претставува цврст столб на нашиот идентитет и воља да се чува своето. Нивната жртва на сите нам премногу ни значи, па денес, преку споменот за нив, повторно допира до нас и јасно го чувствуваме духот на нивниот зрел став… иако млади личности, тие во себе носеле огромна свест за тоа што значи припаѓањето и љубовта кон татковината.

На 28 октомври, нашето училиште го прослави 104-от роденден на Стеван Наумов – Стив, нашиот патрон и одбележа 76 години од своето постоење.  Мотото под кое училиштето го прослави овогодинешниот патронен празник е: „Јазикот е единствената наша татковина“. Воедно овој ден беше одбележан со пригодни активности и свечена програма при што на бистата на Стив Наумов беше положено свежо цвеќе од страна на делегација од нашето училиште, градоначалникот и претставници на Општина Гази Баба и потомците на нашиот патрон, а потоа нашите ученици донесоа посебен сјај и убавина со своите интересни настапи во склоп на свечената приредба која беше проследена од страна на родителите, потомците на нашиот патрон, гости од основните училишта од Општина Гази Баба, како и претставници од општината заедно со градоначалникот, г-дин Бобан Стефковски, кој со свечен говор го поздрави овој ден и искажа почит кон нашиот патрон и нашето училиште.

Оваа традиција која ја одржуваме секоја година ќе продолжи и ќе ја пренесува во иднина пораката на нашиот патрон и народен херој Стеван Наумов – Стив. Честит патронен празник!

 

Свесни за значењето на мајчиниот јазик, учениците во голем број се одзваа на литературниот и ликовниот конкурс распишан по повод Денот на училиштето.

Комисијата составена од предметни наставници ги одбра и награди најуспешните литературни и ликовни творби.