На ден 09.04.вторник 2024 год.учениците од IV одделение заедно со своите одделенски раководители,ја посетија црквата Св.Спас, спомен куќата на Мајка Тереза и Музејот на македонската борба за самостојност. Посетата беше планирана и реализирана  според програмата за IV одд.  по предметот историја и општество. Учениците видно возбудени во 9.30 часот пристигнаа во црквата Св.Спас.Во дворот на црквата направија обиколка во автентичните детали на старите исконски градби. Со интерес ги препознаваа буквите на глаголицата испишани на старите гробници во дворот,и внимателно го следеа раскажувањето на водичот за животот и делото на Гоце Делчев,неговото значење и патот на неговите мошти до црквата.

Со длабока почит се поклонивме на неговото почивалиште и ветивме дека ќе чекориме по неговиот пат кон културен натпредок на народите и негување на љубов кон татковината.Патем низ старата Скопска чаршија учениците визуелно се запознаа со старите занаети ,народните носии и обележја на националностите кои живеат во нашата татковина. Автентичноста на градбите и уредувањето на изгледот на чаршијата сведочеа за македонското минато и традиција. Низ улиците на градот Скопје во 10.15 часот пристигнавме во спомен куќата на Мајка Тереза. Срдечно пречекани влеговме и со воодушевување ги гледавме изложените фотографии,признанија,награди и дела како сведоштва за животот и делото на Мајка Тереза. Со особен интерес учениците го проследија говорот на кустосот за животот ,хуманоста и значењето на Мајка Тереза.По краток одмор во сенките на центарот на градот Скопје низ дискусија со учениците се потсетивме на изучениот материјал по историја и општество ,на значајните датуми и личности.Спомениците низ градот сведочеа за нашата историја.Во Музејот на македонската борба за самостојност пристигнавме во 11.30 часот.Пресретнати од кустосот во две групи го посетивме музејот во кој може да се каже дека е претставена целокупната македонска историја и борба за самостојност.Учениците со особено внимание и чест го следеа секој збор на кустосот и со голем интерес поставуваа прашања.Воодушевени од атмосферата и исполнетоста на  работниот ден учениците  задоволни ,возбудени и среќни со насмевка се вратија во училиште.

Едногласно се согласија дека нашата татковина е богата со историско минато и традиција кои се вредни да ги чуваме и негуваме.

 

Актив IV одделение