27 октомври е датум кој за сите нас има голема важност, затоа што имаме чест наш патрон да биде Стив Наумов, кој својот млад живот го положил за својата татковина и прераснал во народен херој. Неговиот пример на родољубие и пожртвуваност одекнува низ историјата до ден денес, а ние сме горди што сме негови наследници и ја живееме неговата огромна љубов кон својата земја и својот народ. Оваа година прославивме 103 години од раѓањето на Стеван Наумов – Стив и 75 години од постоењето на нашето училиште кое гордо го носи неговото име.

По тој повод, овој ден беше одбележан со пригодни активности и свечена програма при што на бистата на Стив Наумов беше положено свежо цвеќе од страна на делегација од нашето училиште и потомците на нашиот патрон, а потоа нашите ученици донесоа посебен сјај и убавина со своите интересни настапи во склоп на свечената приредба која беше проследена од страна на родителите, потомците на нашиот патрон, гости од основните училишта од општина Гази Баба, како и претставници од општината заедно со градоначалникот, кој со свечен говор го поздрави овој ден и искажа почит кон нашиот патрон и нашето училиште.

       

Почитта, посветеноста и придонесот кон овој датум и неговото значење ќе остави убав спомен, а тоа ќе биде наш патоказ кон светла иднина, следејќи ги трагите на светлите ѕвезди кои никогаш не згаснуваат.

Честит патронен празник!