Во периодот 02-08.10.2023 во ООУ „Стив Наумов“ во Скопје со низа активности и манифестации се одбележа Детската недела под овогодинешното мото „Јас и светот околу мене“. На почетокот на седмицата класните/одделенските раководители на одделенскиот час ги истакнаа одредбите од Конвенцијата за правата на детето, по што следеа пригоден реферат и приредба преку разглас, презентирани од ученици од IX одделение, преку кои учениците од прво одделение имаа можност да се запознаат со детските права и должности, а останатите ученици да се потсетат на истите. Во продолжение се организираа и се реализираа низа работилници каде што во преден план беа ставени правата на децата – изработка на плакати со детски права, илустрирање на детските права во училишниот двор, презентации преку проекции на детски права и должности, а во нив активно беа вклучени и учениците од прво одделение.

Како позначаен настан што ја одбележа Детската недела е училишниот базар,  инспириран од детските права, а под мотото „Ние сме вашата надеж за поубав свет“. Настанот беше дел од активностите во рамките на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ кој се спроведува во соработка со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, а е поддржан од фондацијата Песталоци. Целта на базарот беше да се соберат финансиски средства за изградба на игралиште со реквизити за физичка активност на учениците, а за истоимениот настан, како покана за учество, беа изработени и печатени плакати и флаери со детските права. Преку својот ангажман и придонесот на базарот родителите дадоа поддршка за заложбите за почитување и за унапредување на детските права, како и за подобрување на условите во училиштето за правилен раст и развој на учениците.

На крајот следеше завршна манифестација – приредба за првачиња, со посебна програма според мотото. На приредбата беа презентирани детските права, а свој придонес за значењето на децата и на детството и за нивното место во општеството и во светот, преку учество со рецитали и со ритмички точки, дадоа и учениците од повисоките одделенија, членови на Детската организација.

Одделенски наставник и координатор за Детска организација: Елизабета Каранфилова