ПРОЕКТИ

Проекти кои се реализираат во училиштето

Нашето училиште во континуитет е вклучено во образовните реформи кои повлекуваат реализирање на проекти кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес. Реализацијата на проекти им овозможува на учениците активно учење, придонесува за зголемен интерес и ангажман за учење и работа, а истовремено учениците стануваат свесни за важноста на комуникацијата и тимската работа. Според тоа, во училиштето се реализираат следните проекти:

„Меѓуетничка интеграција во образованието“ е проект во рамки на којшто се реализираат активности насочени кон остварување на главната цел – учениците да ги продлабочат своите компетенции кои им се потребни за живот во интегрирано мултиетничко општество, почитување на другите, зголемување на соработката помеѓу ученици од различни националности, прифаќање на разликите и право на еднаквост на сите.

„Зајакнување на детските капацитети за превенција од насилство“ и „Да ги земеме правата во наши раце“ во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ се проекти кои во континуитет се спроведуваат веќе 4 години. Целта на проектите е градење на капацитетите на возрасните-професионалците и родителите за разбирање и почитување на потребите на децата, подобрување на капацитетот на професионалците и родителите за обезбедување сигурна и безбедна училишна и семејна средина, како помош и поддршка на децата и адолесцентите за идентификација на сопствените компетенции при превенција од насилство. Истовремено учениците се запознаваат со детските права и се креираат стратегии за унапредување на истите. Во рамки на двата проекти се одржуваат едукативни работилници за родители на тема позитивно и одговорно родителство.

„Училиште на 21 век“ започна со реализација во 2019 година, откако група наставници посетија обука организирана од Британски совет и МОН, а потоа направија дисеминација во училиштето. Во сите предмети вклучено е критичкото размислување, бидејќи е една од основните вештини кои младите треба да ги поседуваат за да бидат подготвени за работа во современата економија. Во наставата критичкото размислување се поттикнува и развива преку неколку стратегии: Сократови прашања, земање предвид различни перспективи, вреднување докази, потрага по длабоки структури. Исто така, внесен е во употреба уредот Микробит како средство за совладување содржини од информатика, но и изведување експерименти во други предмети. Посебно внимание се посветува на корелацијата интернет- критичко размислување, за да може и користењето интернет да се стави во служба на критичкото размислување.
За важноста на проектот ,,Училишта на 21 век”, говори и фактот дека развивањето критичко размислување е еден од приоритетите на училиштето за учебната 2020/2021 година.

Еразмус + проекти – КA1 и КA2
ООУ „Стив Наумов“ – Скопје како партнер организација учествува во спроведување на Еразмус + проект КА2 – КА201 (Стратегиски партнерства за поддршка на иновации во училишно образование) насловен како PREDICT. Проектот започна со реализација во декември 2019 година и е во траење од 30 месеци. Главната цел на проектот е да се развијат нови наставни програми, методологии за образование, веб апликации и игри за обука на деца, млади и лица со посебни потреби, при тоа овозможувајќи инклузивен пристап и едукација на деца, млади и лица со попреченост во спречување на природни катастрофи, како и инкорпорирање на знаење за ризици од катастрофи во формалното и неформалното образование преку создавање нов пристап во обука на овие лица. Координатор и апликант на проектот е Воената академија „Михајло Апостолски“-Скопје, а партнер организации се: Државното училиште центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух „Партенија Зогравски“ – Скопје, Главна дирекција за пожарна безопасност и заштита на населението, Republic of Bulgaria и Asociation IT solutions for all, Non-governmental organisation/association, Spain.

Училиштето е регистрирано на платформата Е-twinning преку која се реализираат најразлични проекти со училишта од други земји. Преку овие проекти се остварува директна комуникација на наставниците и учениците приклучени во конкретниот проект. Целта на овие проекти е споделување на позитивни практики и размена на искуства меѓу наставниците и учениците како и запознавање со другите култури.