ЛИЧНА КАРТА
Лична карта на ООУ „Стив Наумов“ – Скопје
Општинското основно училиште „Стив Наумов“ – Скопје, има статус на јавна установа чија основна дејност е воспитание и образование на деца, ученици од I – IX одделение. Училиштето ги опфаќа учениците од МН „Автокоманда“, „Керамидница“ и „Триангла“.
Во 1947 година започнала изградбата на станбени згради во новата населба – Автокоманда. Истата година е согледана потребата од училиште. Истата година започнува настава во една паралелка со 35 ученици во прво одделение, со што започнува и развитокот на основното училиште “Стив Наумов” во Скопје.
Во учебната 1948/49 год учителката Трајанка Митева истовремено била и учител и раководител на училиштето. Наставата се одвивала во една приспособена просторија. Во наредната учебна година функционирало едно прво и едно второ оделение со 84 ученика, а во учебната 1950/1951 година работело со три одделенија, со вкупно 125 ученика.
Од 1951 година кога со одлука на Народниот Одбор на општината „Саат Кула“ училиштето било именувано во Осумгодишно основно училиште „Стив Наумов“, со голем ентузијазам се започнало со средување и опремување на училиштето, а со извонреден напор, реализирани се бројни активности.
За развојниот пат на училиштето може да се каже дека минува низ четири етапи и тоа: првата од 1948 – 1955 година, втората од 1955 – 1963 година, третата од 1963 – 1991 година и четвртата од 1991 година па до денес.
Општинското основно училиште „Стив Наумов„ – Скопје, работи во еден објект.
По изградбата на фискултурната сала во 1964 година и новата зграда на училиштето 1968 година, со кабинети и 1987 година со изградбата на покривот, целосно е оформен сегашниот училишен објект. Во 1982 година се воведува целодневна настава која се изведува до ден денес. Оттогаш сè повеќе се настојува да им се излезе во пресрет на родителите и на учениците, а особено да се даде прилог за одење во чекор со современото школство.
Структурата на наставниот кадар се подобрува од година во година, а наставата се изведува во кабинети опремени со аудиовизуелни средства, а од учебната 2018/2019 година во кабинети со „Паметни табли“. Од формирањето на училиштето се создала и наставничка библиотека со скромен фонд од 100 книги. Училиштето има ученичка библиотека главно обезбедена со лектири предвидени со наставната програма. Библиотеката во последните учебни години располага со голем библиотечен фонд со постојано вработен библиотекар.
За високо постигнатите резултати училиштето, истото со право котира меѓу водечките училишта во градот, а тоа се реализира преку методологијата за вреднување на резултатите во основните училишта. Слободните ученички активности се дел од наставно-образовниот процес, а со нив раководат соодветни наставници, кои се определуваат на почетокот на секоја учебна година.
Големиот ентузијазам на учениците и ангажирањето на наставниците секоја година се освојуваат бројни награди и признанија на општински, градски, републички и сојузни натпревари. Учеството во секциите и натпреварите од година во година е сè помасовно како од страна на учениците, така и од страна на наставниците. Она што го постигнуваат во текот на учебната година во рамките на одредени секции, го презентираат пред населението во своите јавни настапи Организацијата на подмладкарите на Црвениот крст во училиштето има своја традиција. Таа постојано учествува во доброволни хуманитарни активности и натпревари. Бројните тешкотии и проблеми во воспитно-образовниот процес успешно ги решава Наставничкиот совет во училиштето.
Соработката со другите училишта се одвива преку размена на искуства за подобрување и продлабочување на воспитно-образовниот процес. Посебна соработка училиштето остварува со организациите од материјалното производство на Општина “Гази Баба”, успешно соработува со Меѓуопштинскиот завод за предучилишно основно образование и воспитување, Градскиот СИЗ, комитетот за општествени дејности и други органи и организации во општината, градот и републиката.
За резултатите постигнати во наставно-образовниот процес, училиштето има добиено и освоено повеќе значајни награди и признанија, од создавањето, па сè до денес. Во 1979 год. училиштето го добива високото признание со Указ на Јосип Броз-Тито – Орден на трудот со златен венец. Исто така ја добива 13 Ноемвриската награда за особени резултати во образовно-воспитната дејност. Во 1980 год. и 1986 год., Извршниот одбор на Собранието на меѓуопштинската заедница за предучилишно и основно образование донесена е одлука да се додели признание за вонредни резултати во воспитно-образовната работа.
Пред учениците и вработените во училиштето се поставуваат нови задачи и предизвици. Нашето училиште успешно се вклучи во новиот тренд и осовременувањето. Училиштето е отворено кон средината, почнуваат да се рализираат најразлични нови проекти, преку кои се осовременува наставата. Живиот збор на наставникот сè почесто се заменува со нагледност, слика на екран, податоци од компјутер, самоистражувачка работа, самостојно учење, описно оценување, модернизација во воспитно-образовниот процес итн.
Во 2013 година од интегралниот увид во работата на училиштето истото е оценето со највисока оценка. Во процесот на воспитно образовната работа треба да се одбележи и придонесот на стручните соработници кои активно работат веќе 30 години, со тоа што е вработен педагог, психолог и дефектолог. Денес во училиштето има вкупно 75 вработени од кои 58 наставници во одделенска и предметна настава, 4 стручни соработници, 1 директор, 2 административни работници, 10 помошно-технички работници и 838 ученици.
За почетоците на образовната дејност сведочат потомците на првите учители кои генерациски се образуваат во нашето училиште, а истражувањата ги направија учениците од шесто одделение, зантересирани за своите корени. Во текот на годините оставени се писмени сведоштва во вид на монографии кои традиционално се издаваат на определени временски периоди.