На 27 октомври, пред сто години, во Битола е роден Стеван Наумов – Стив, наш народен херој кој со своите херојски дела, воден од големата љубов кон татковината, на страниците на нашата историја испиша еден важен и неизбришлив дел кој до ден денес нè мотивира и нè поттикнува да се загледаме длабоко во себе, да ги досегнеме своите корени и гордо да застанеме пред сите предизвици на иднината. За животот и херојството на Стив Наумов (1920 – 1942) може да се говори многу, а големината на неговата личност е уште повеличенствена со фактот што за релативно кратко време, како еден надежен студент и перспективен младинец, храбро застанал во одбрана на својата татковина против окупаторот, одлучно следејќи го примерот на храбрите предци не штедејќи го ниту својот живот, ниту својата иднина, така што несебично се предал на вителот на борбата и согледувајќи дека крајот е неизбежен, во последен момент, заедно со својот другар Мите Богоев, херојски ги положуваат своите млади животи на темелите на големата надеж за ослободување на саканата родна земја.

             

На големината на овие храбри борци не останува рамнодушен ниту бугарскиот окупатор, па на суров и нечовечки начин се обидува нивните млади животи и споменот за нив да ги избрише од страниците на времето. Сепак, тоа не им успева и од тогаш па до денес, ние гордо го славиме споменот на Стив Наумов и заедно со неговите потомци имаме чест, како основно училиште, секоја година, на роденденот на овој великан да го славиме денот на нашето основно училиште „Стив Наумов“ и да се сеќаваме на големината на оваа несекојдневна и голема личност.

                               

На 27.10.2020г., токму на стогодишнината од раѓањето на Стив Наумов, народен херој и наш патрон, нашето училиште и оваа година традиционално го одбележа овој ден со пригодни активности во кои учество зедоа сите, како учениците, така и целокупниот кадар на училиштето, а при тоа гости ни беа и потомците на Стив Наумов, кои во чест на овој наш великан со огромно задоволство го посетија нашето училиште, оддадоа почит и положија свежо цвеќе на бистата на Стив Наумов. Исто така и директорот и членови на колективот на нашето училиште, како и ученици заедно со своите наставници оддадоа почит и положија свежо цвеќе на бистата на нашиот патрон.

                 

 

Воедно, како и претходните години, традиционално, беа истакнати и наградени вработени во нашето училиште, членови на СОНК, кои бележат јубилеен стаж, секако, изведено согласно предвидените мерки и протоколи во однос на глобалната ситуација со пандемијата.

           

 

Во чест на овој ден, оваа година беше организиран литературен и ликовен конкурс за учениците од одделенска и предметна настава под мото „Детскиот свет – лулка на надежта и среќата“ на кој од страна на жири комисијата беа избрани и наградени најдобрите литературни и ликовни творби.

На литературниот конкурс наградени ученици од одделенска настава се:

  1. Марко Петровски  5б – прво место
  2. Марија Спасеска 5г – прво место
  3. Никола Демјански 4б – второ место
  4. Стела Поповска 5в – второ место
  5. Јана Јовановиќ 3б – трето место
  6. Петар Цветкоски 4б – трето место

Да се биде дете е многу важно,
понекогаш смешно, понекогаш тажно
секое дете треба да се смее
и радосна песна треба да пее.

Детето е симбол на среќата,
љубовта што гори ко свеќата,
детето е симбол на силата,
може високо да лета со крилата.

Детската фантазија отвара многу врати,
што возрасен не може да сфати,
тоа е свет полн со приказни, игри , песни
и на крајот од денот соништа лесни.

Прекрасен е овој детски свет,
може да се спореди со најшарениот цвет,
би сакал моето детство да трае вечно,
без проблеми да си врви течно.                                          Марко Петковски 5б – прво место

 

Детскиот свет е радост за сите,
срцето полно од радост им чука.
Маалото наше со нетрпение чека
деца мали со среќни лица повторно
да ги гали.
Детскиот свет е кутија полна
со сништа и желби.
Секое дете
безгрижно да шета
во светот детски
исполнет со смеа и песна.
Надежта детска, голема ко море
виножито да гледа, змеј да лета,
во срцата наши радоста да цвета.
Со надеж за радост и среќа
рацете ги ширам
во мојата прегратка
сите да ги смирам,
сите да ги стоплам.                                                                    Марија Спасеска 5г – прво место

 

На ликовниот конкурс, наградени ученици од одделенската настава се:

1. Дарија Губериниќ 3а-прво место
2. Ива Стефковска 4а-второ место
3. Виктор Спасевски 4б-трето место

     Дарија Губериниќ 3а – прво место

 

На литературниот конкурс, наградени ученици од предметна настава се:

  1. Јована Јовевска 9а – прво место
  2. Марко Ѓуроски 8б и Ангела Маназиева 7б – второ место
  3. Васко Папалиски 6а – трето место

                    Кога ќе погледнеш во детските очи
гледаш сокриен свет кој вистински да љуби знае,
кога ќе погледнеш во детската насмевка што радост точи
гледаш сјај кој поинаку, подлабоко сјае.

                    Кога ќе погледнеш во детското срце,
има врата која до тајно место води,
единствено таму надежта
секој ден со Сонцето одново може да се роди.

                    Кога ќе погледнеш во детското насмеано лице
гледаш толку љубов, радост, чистина,
за децата фантазијата е реалност,
чудесно е, но е вистина.

                   Детскиот свет е наивно изграден,
но поради темелите со љубов проткаени
никој не може да го сруши,
детскиот свет е извор на надеж и насмевки
кој никогаш не ќе пресуши.

                    Децата се среќни бидејќи во нивниот свет
сите како победници се чувствуваат,
децата се полни со надеж затоа што веруваат
дека чудата и денес се случуваат                                              Јована Јовевска 9а одд. – прво место

 

На ликовниот конкурс наградени ученици од  предметна  настава  се:

  1. Сара Стефановска 8в – прво место
  2. Лина Теова 7а – второ место
  3. Ирина Стојановска 8в – трето место

       Сара Стефановска 8в – прво место