Празникот на воскресението на Господ Исус Христос се празнува секоја година во различно време и еден е од т.н. подвижни празници. За датумот на Велигден се зема првата недела по полна месечина на ден на пролетната рамнодневица или веднаш по неа. Кај припадниците на православната вера Велигден секоја година паѓа во период од 4 април до 8 мај. Велигден е најголемиот христијански празник, кој го одбележува и слави Христовото воскресение. Овој голем празник се одбележува со вапцани јајца, коишто во минатото биле само во црвена боја, а се верува дека овој обичај потекнува од Марија Магдалена, која според Библијата однела јајца обоени во црвена боја пред тогашниот римски цар Тибериј, непосредно по откривањето дека Христос Воскреснал. Иако Велики Петок е најтажниот ден за сите христијани во светот, Велигден веднаш по Божиќ се смета за најрадосниот христијански празник поради тоа што ја симболизира победата на животот над смртта, поконкретно, тоа е суштината на Воскресението. На самиот ден Велигден, велигденскиот Понеделник и Вторник, кои следат по него, православните христијани во светот се поздравуваат со Христос Воскресе и се одговара со Ваистина Воскресе.

Христијаните се радуваат на Велигденските обичаи, а особено децата. Во разни делови на земјата важат различни обичаи, па оттука некој вапца јајца на Велики Четврток, некој на Велики Петок, или пак Велика Сабота. Некои ги вапцаат јајцата само во црвена боја, а некои ги шараат на најразлични можни начини. Според обичајот, првото јајце се вапца со црвена боја и се смета за чувар на куќата. Тоа се чува се до следната година. Во некои краишта ланското јајце чувар на куќата се става кај стоката, додека во некои се затрупува во мравјалник. Според некои верувања црвената боја ја означува божествената природа, додека сината ја означува човековата. Затоа во некои краеви јајцата се вапцаат во овие две бои. Сепак, во однос на подготовките и празнувањето на Велигден постојат разни обичаи во разни краеви во земјата, но она што ги поврзува сите е големината и убавината на овој свет ден.

Како и години наназад, Велигден се одбележува и во нашето училиште и со тоа на учениците им се претставува важноста на овој убав ден, така што, освен во домовите така и во училиштето, неделата пред празникот поминува во ведро и празнично расположение. За таа цел учениците прават изработки, сликаат, творат во духот на празникот. Со оглед на ситуацијата со вирусот во која се наоѓаме веќе две години, сепак ведрината на овој голем празник не нè остави рамнодушни и за таа цел беа украсени одредени катчиња во училиштето. По повод претстојниот празник, колективот на нашето училиште заедно со учениците на сите им го честита празникот со желби што поскоро да се излезе од кризата и догодина Велигден повторно да го празнуваме во неговото вистинско светло, онака како што доликува на неговата суштина и светлата порака што ја носи во себе.

 

Ч Е С Т И Т   В Е Л И Г Д Е Н!!!