Нашето училиште „Стив Наумов“

Основното училиште ,,Стив Наумов,, - Скопје е сместено во источниот дел на град Скопје, во тн. индустриска зона на градот, со многу претпријатија во населбата Автокоманда, на ул. ,,Лазар Поп Трајков,,  бр. 28, општина Гази Баба. Во 1948 година  во Скопје беше  изградена нова населба ,,Автокоманда,,.  Тоа беше почеток на развојот на воспитно - образовната установа, Основното училиште ,,Стив Наумов ,, Скопје. Развојниот пат на училиштето може да се каже дека минува низ четири етапи и тоа: првата од 1948 - 1955 година, втората од 1955 - 1963 година, третата од 1963 - 1991 година и четвртата од 1991 година па до денес. Во 1979 година, училиштето го добива високото признание со Указ на Јосип Броз - Орден на трудот со златен венец. Истата  година ја добива 13 Ноемвриската награда за особени резултати во образовно - воспитната дејност во основното образование и воспитание. Во 1980 и 1986 година, Извршниот одбор на Собранието на Меѓуопштинската самоуправна заедница за предучилишнито и основно образование донесе Одлука да се додели признание на ОУ ,,Стив Наумов ,, Скопје, за вонредни резултати во воспитно - оразовната работа. Основното училиште ,,Стив Наумов,, - Скопје, работи во еден објект.

Училиштето е со статус на јавна установа чија основна дејност е воспитание и образование на деца, ученици од I – IX одделение. ОУ ,,Стив Наумов,, - Скопје е деветгодишно училиште кое ги опфаќа учениците од МН ,,Автокоманда,, ; ,,Керамидница,, и ,,Триангла,,. Од 1951 година кога со одлука на Народниот Одбор на општината ,,Саат Кула,, училиштето беше  именувано како Осумгодишно основно училиште ,,Стив Наумов,, , со голем ентузијазам се започна со средување и опремување на училиштето. Со извонреден  напор, реализирани се бројни активности. На неискористениот терен позади училишната зграда, изградено и со рефлектори е осветлено игралиште за одвивање настава, како и за рекреација на граѓаните во нивното слободно време. По изградбата на фискултурната сала 1964 година и новата зграда на училиштето 1968 година, со кабинети и 1987 година со изградбата на кровот, наполно е оформен сегашниот училишен објект.Од оваа учебна година во фискултурната сала е ставен паркет и истата е варосана и  обновена . Во 1982 година се воведува целодневна настава која и денес се изведува. Преку МОН, односно преку донација од НР Кина кабинетот по предметот информатика  е опремен со компјутери и  приклучен на Интернет. Пристап до интернет имаат наставниците и учениците. Во сите училници и кабинети е поставена инсталација за компјутери со што влеговме во владиниот проект ″Компјутер за секое дете″.                  Фондот на училишната библиотека е збогатен со лектири за учениците за основно и средно образование преку средствата од проектот ПМО, како и со стручна литература за потребите на наставниците. Набавени се исто така и предвидените современи наставни средства и помагала со што ќе се овозможи осовременување на наставата, целосно е опремено со компјутери.Оваа учебна година учениците се определија за изучување на овие изборни предмети: во петто одд.- Етика во религиите и Класична култура во европската цивилизација; во шесто одд.- Проекти од ликовната уметност и Проекти од информатика; во седмо одд.- Вештини за живеење и Унапредување на здравјето и во осмо одд.-ТО и Програмирање.

создать сайт